3 март 2021

СО ВКЛУЧЕНОСТ НА КОМПАНИИТЕ ВО УЧЕЊЕТО ПРЕКУ РАБОТА ДО ПОКВАЛИТЕТНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И КАДАР

Со цел зајакнување на врските меѓу потребите на пазарот на трудот и вештините на младите, кои се развиваат преку образовниот систем, неопходно е зајакнување на соработката меѓу работодавците и училиштата. Сѐ поголем е интересот на компаниите да обучат ученици, идни вработени, во согласност со своите потреби, а идните ученици да се стекнат со соодветни вештини, да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и да најдат соодветно вработување во согласност со стручната подготовка.

Во согласност со законската регулатива, компаниите кои имаат интерес да се вклучат во процесот на практично обучување ученици треба да имаат обучено лице, ментор, кое ќе ги води учениците низ процесот на практична работа во компанијата. Со постоењето обучени ментори во компаниите ќе се подобри квалитетот на соработката со училиштата и ќе се постигне поефектна практична обука на ученици.

За таа цел, Стопанската комора на Македонија, во соработка со стручни лица, а на барање на компаниите, организира обуки на ментори во компаниите. Целта на оваа програма е да се развијат знаења, вештини, способности, ставови и вредности, односно компетенции кои треба да ги поседуваат идните обучувачи (во натамошниот текст ментори) за да можат да работат со ученици/учесници кои изведуваат практична обука кај работодавец, вклучувајќи ги и компетенциите за работа со ученици/учесници со различна попреченост. Во програмата е дефинирано што треба да знае, да умее и да прави менторот за успешно да ја реализира педагошко-андрагошката и дефектолошка работа со учениците/учесниците кои се обучуваат кај работодавецот.

Преку оваа програма менторите се запознаваат со образовниот систем и со местото на бизнисите во образованието и во обучувањето, со карактеристиките на комуницирање со соодветната целна група, со начините на соработка со училиштата, со наставниците задолжени за практична обука, како и со безбедноста при изведувањето на практичната обука.
По завршувањето на обуката за ментори, односно по добивањето сертификат од Стопанската комора на Македонија и од Центарот за стручно образование, компанијата треба да подготви документација за верификација на работодавецот за спроведување практична обука за ученици. По извршениот увид од Стопанската комора на Македонија, ќе се изврши упис на компанијата во Регистарот за верификација на работодавци за практична обука на ученици, во согласност со Правилникот за формата, содржината и за начинот на водење на Регистарот за верификација на работодавци за практична обука на ученици (Службен весник на Република Македонија, бр. 31/2008).

Една од повеќето компании кои се верифицирани од Комората е компанијата „Витаминка“ АД Прилеп, чија главна дејност е производство на какао, чоколади и на кондиторски производи. „Витаминка“ АД Прилеп е основана во 1956 година во Прилеп, СР Македонија. Претпријатието е основано од тогашната државна власт и првичната замисла била да биде претпријатие за производство и за обработка на црвен, мелен пипер.  Во 1976 година раководството на претпријатието усвоило нов деловен план и проширување на производните капацитети и на асортиманите. Така, „Витаминка“ започнала со производство на поголем број прехранбени производи. Набргу, „Витаминка“ прераснала во водечко претпријатие во прехранбената индустрија во Македонија. Од своето вкупно производство, околу 45 % пласира на пазарите надвор од Македонија. Своите производи „Витаминка“ ги продава во повеќе од 30 држави, а во 2019 година започна да извезува и во Јапонија. „Витаминка“ има над 350 вида пакувани прехранбени производи. Успешната деловна политика на менаџерскиот тим на „Витаминка“ АД Прилеп треба да им биде модел на многу компании кои сакаат да чекорат стабилно во бизнисот, а притоа да го промовираат и моделот на компанија со високо ниво на општествена одговорност. Вратите на оваа компанија, која брои околу 650 вработени во земјава, се отворени за посета на студенти и на ученици кои сакаат да се запознаат со широката палета производи, а особено со производството на националниот бренд „Стоби флипс“.

Проектот „Дуално образование“, кој се спроведува во „Витаминка“ АД Прилеп, е според германски модел, а има цел да ѝ помогне на македонската економија преку пренесување позитивни искуства од германските компании. Координатор на Проектот е Делегацијата на  германското стопанство во Р Северна Македонија. Суштината на овој систем е комбинирање на содржините што се предаваат на училиште со практична обука во компанија.  Со тоа на компаниите им се овозможува да вработат квалификувани работници со соодветни вештини, а учениците се обучувани од сертифицирани ментори од компаниите, во простории за обуки каде што се симулираат вистински работни околности. На овој начин младите се стекнуваат со практични знаења и со работно искуство, а на крајот на програмата и со диплома за завршено средно стручно образование и со сертификат од Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Првите ученици од Средното општинско училиште „Ристе Ристески-Ричко“ – Прилеп започнаа со практична настава во „Витаминка“, како дел од програмата за дуално стручно образование. Наставата започна со 5 ученици од втора година, запишани на насоката Техничар за индустриска мехатроника, и ќе се одвива еднаш неделно, при што учениците ќе имаат можност директно да се запознаат со организацијата, производните процеси и со техничките аспекти од работењето на „Витаминка“, со времетраење од 4 часа. Учениците ќе бидат под менторство на двајца вработени во „Витаминка“, кои за оваа цел посетуваа обука за обучувачи во компанијата „Аda International“ и се стекнаа со сертификат од Делегацијата на германското стопанство.

Дополнително, Стопанската комора на Македонија обучи и ментор за практична работа со ученици во компанија, а Комисијата за верификација на работодавци за спроведување практична обука за ученици од Стопанската комора на Македонија направи увид во актите за основање и за работење на друштвото, како и увид на самото место на работните простории, и констатира дека е тоа во согласност со критериумите за верификација на работодавци, па во февруари 2021 година на „Витаминка“ АД Прилеп ѝ се издаде решение за верификација на работодавец за реализација на практична обука на ученици.

Последни

ТРИАГОЛНИКОТ МЕНТОР-УЧЕНИК-КООРДИНАТОР ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА-АЛАТКА ЗА КВАЛИТЕТНА ПРАКТИЧНА ОБУКА
Приказна на Виктор Анѓелов, дипломиран машински инженер, раководител на погон Алатница и сертифициран ментор за практична обука на ученици во компанијата „Руен Инокс Автомобиле“, Кочани
ОТВОРЕН ДЕН НА АСУЦ „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ СКОПЈЕ – МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА НА СОРАБОТКАТА СО РЕАЛНИОТ СЕКТОР И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР
ПРАКТИЧНА ОБУКА ВО КОМПАНИЈА – ВИСТИНСКИ ЛУЃЕ НА ВИСТИНСКО РАБОТНО МЕСТО
САЕМ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И ПРАКТИКАНСТВО – СПОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО И РЕАЛНИОТ СЕКТОР
СОУ „БОГДАНЦИ“, БОГДАНЦИ – УСПЕШНА ПРИКАЗНА ЗА ДУАЛНИОТ КОНЦЕПТ НА ОБРАЗОВАНИЕ
ПРАКТИЧНАTA НАСТАВА ВО ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА – ПОДГОТОВКА НА ИДНИ КОЛЕГИ
И ВО СОПСТВЕНАТА ЗЕМЈА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ ПРОФЕСИОНАЛНА ИДНИНА
УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е НАЧИН ЗА ПОСВЕТЕНИТЕ УЧЕНИЦИ ВЕДНАШ ДА НАЈДАТ РАБОТА
ПРАКТИЧНА НАСТАВА ВО КОМПАНИИТЕ – ОБОСТРАН БЕНЕФИТ И ЗА КОМПАНИИТЕ И ЗА УЧЕНИЦИТЕ