КОГА ТЕОРИЈАТА СТАНУВА РЕАЛНОСТ ВО РЕК БИТОЛА
Учењето преку работа – мост помеѓу образованието и професијата
Учењето преку работа (УПР) денес претставува еден од најважните сегменти во стручното образование. Тоа не е само дел од наставата, туку процес преку кој учениците стекнатото теоретско знаење го применуваат во реална работна средина, стекнуваат професионални вештини, работни навики и самодоверба за идниот професионален развој.
Учениците од секторот Геологија, рударство и металургија – образовен профил Геолошко-рударски техничар, практичната настава ја реализираат во РЕК Битола, Подружница Рудници. Соработката помеѓу училиштето и компанијата трае повеќе од 30 години и претставува пример за успешно организирано и квалитетно спроведување на УПР.
УПР СПОРЕД СИТЕ СТАНДАРДИ
Безбедна, организирана и квалитетна практична настава
Практичната настава во РЕК Битола се реализира согласно сите законски прописи и стандарди за безбедност и квалитет. Во рамките на процесот обезбедени се:
• обука за безбедност и здравје при работа;
• трипартитни договори за УПР;
• осигурување за учениците;
• превоз, дневен оброк и средства за лична заштита;
• планови за реализација на практичната настава;
• запознавање со кодексот на однесување во компанијата;
• услови за вклучување ученици со попреченост;
• можности за дополнителна мотивација и наградување.
Во учебната 2025/2026 година во процесот на УПР се вклучени 14 ученици од трета година и 5 ученици од четврта година. Учениците од трета година посетуваат практична настава 4 часа неделно, додека учениците од четврта година посетуваат 6 часа неделно, во текот на околу 30 работни дена годишно. Дополнително, реализираат и феријална пракса во летниот период.
КОГА ТЕОРИЈАТА СЕ ГЛЕДА НА ТЕРЕН
Учениците стекнуваат знаење, сигурност и искуство
Една од најголемите придобивки од учењето преку работа е можноста учениците теоретските знаења да ги видат и применат во реални работни услови.
Симона Шулевска, ученичка во IV година, практичната настава ја реализира во РЕК Битола под менторство на Мирјана Трпчевска. Таа смета дека токму практичната работа ѝ помогнала полесно да ја разбере струката.
„Учењето преку работа ми е од голема корист бидејќи преку него полесно ја разбирам и совладувам теоријата. Со практичната работа во рудникот подобро ги применувам стекнатите знаења и добивам реална слика за работниот процес.“
Според Симона, спојот помеѓу практиката и теоријата ѝ дава сигурност дека полесно и побрзо ќе се интегрира во секој работен процес.
„Практиката ми помогна да стекнам искуство, одговорност и поголема самодоверба во работата.“
Слично искуство има и Никола Попчановски, ученик во трета година, кој практичната настава ја посетува под менторство на Елизабета Десановска.
„Сметам дека практичната настава ми е од голема корист бидејќи полесно го разбирам тоа што го учам. Таа ми дава сигурност помеѓу праксата и теоријата и можам побрзо и полесно да се интегрирам во работниот процес.“
Леонид Талевски, ученик од III1 клас, исто така ја нагласува важноста на практичната настава и можноста теоријата да стане реалност.
„Со помош на моите ментори успеав теоретскиот дел што го изучувам во училиште да го видам реално на терен. Кога се учи и во училиште и во работна организација, многу полесно и поубаво се учи.“
МЕНТОРИТЕ – КЛУЧНА ПОДДРШКА ВО ПРОЦЕСОТ
Практичното искуство создава подготвени кадри
Во РЕК Битола со учениците работат четири обучени ментори:
• Елизабета Десановска
• Виолета Богдановска
• Љупчо Јанковски
• Мирјана Трпчевска
Тие активно ги воведуваат учениците во работните процеси и им помагаат полесно да ја разберат професијата.
Координаторот за УПР, Валентина Манева, истакнува дека учениците покажуваат голем интерес кога ќе се соочат со реалната работа.
„Работите што ги учат на теоретските часови им стануваат многу појасни кога ќе ги видат во реален процес. Учениците што посетуваат УПР во РЕК Битола доаѓаат со воодушевување и искрен интерес за работата.“
Елизабета Десановска, една од менторите, смета дека практичната настава е незаменлив дел од стручното образование.
„Практичната настава помага многу во совладувањето на теоријата. Рударството не се совладува само со теорија. Овде учениците имаат можност да видат како се реализира експлоатација на јаглен, каква механизација е потребна и како функционира еден систем.“ Таа додава дека учениците со голем ентузијазам ја следат практичната настава и се чувствуваат како дел од колективот.
УПР – ИНВЕСТИЦИЈА ВО ИДНИНАТА
Практичната настава создава мотивирани и конкурентни млади кадри
Примерот на соработката помеѓу училиштето и РЕК Битола покажува дека квалитетното учење преку работа создава мотивирани, подготвени и конкурентни млади кадри.
Преку директно вклучување во реалните работни процеси, учениците стекнуваат практични знаења, професионални навики, чувство на одговорност и поголема самодоверба.
УПР не е само дел од образованието – тоа е мост помеѓу училиштето и реалниот сектор, мост што им овозможува на младите полесно, посигурно и поподготвено да го започнат својот професионален пат.
