21 февруари 2025

Претставени резултатите од регионалниот проект „Подобрување на квалитетот на образованието и на обуката“

Претставување на резултатите од регионалниот проект „Подобрување на квалитетот на образованието и на обуката ЕКЕТ СЕЕ“ беше во фокусот на Конференцијата Подобрување на квалитетот на образованието и обуката, која заеднички ја организираа Стопанската комора на Северна Македонија и Центарот за развој на стручното образование и обука, на 19 февруари 2025 година.

Регионалниот проект „Подобрување на квалитетот на образованието и на обуката ЕКЕТ СЕЕ“, кој започна во 2021 година, се спроведуваше во рамките на Секретаријатот за иницијативи за образовни реформи во Југоисточна Европа (ЕРИ СЕЕ), поддржан од Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и од Европската фондација за обука (ЕТФ), а финансиран од Австриската агенција за развој со буџет од околу 2 милиони евра. Регионалниот проект се спроведуваше во шесте земји од Западен Балкан и се состоеше од две компоненти: креирање стандарди на занимања и квалификации во секторот земјоделство и во секторот машинство во првата компонента и обезбедување квалитет во образованието (фокус на надворешната евалуација на институциите) во втората компонента. Во реализацијата на активностите на проектот беа вклучени центрите за стручно образование и обука, стопанските комори и бизнис-заедницата, како и агенциите за квалификации, Бирото за развој на образованието и просветните инспекторати на национално и на регионално ниво. Овој регионален проект е продолжение на проектот „Кон регионално засновани стандарди на занимање“, кој се реализираше од 2019 до 2021 година, а се фокусираше на развој на петте регионални стандарди на занимање во секторите угостителство, туризамиградежништво, интегрирајќи ги потребите на бизнис-секторот на национално ново и придонесувајќи за зајакнување на врските меѓу бизнисот и образованието.

На Конференцијата беше истакната регионалната соработка на земјите од Западен Балкан, која отвора можности за реализација на заеднички активности со цел креирање подобри услови за водење бизнис, подобрување на конкурентноста и раст на извозниот потенцијал на компаниите. За исполнување на овие цели неопходно е унапредување на човечкиот капитал и добивање квалификации кои ќе бидат признати во земјите од Западен Балкан, со што ќе се олесни мобилноста на стручните и квалификувани лица во регионот. На Конференцијата резултатите што беа постигнати во текот на четиригодишната реализација на проектот беа претставени преку три панел-дискусии.

Во првата панел-дискусија насловена „Стручно образование и обука“ учествуваа претставници од стручните училишта, а во фокусот беа креирањето на двата стандарди за занимањето агротехничар за традиционално и за органско производствои за квалификацијатабравар и негово усогласување на регионално ниво; изработката на наставен материјал за изучување на квалификацијата со дополнителна документација, како водичи за работа; реализираните обуки за 222 наставници и координатори за учење преку работа за двете квалификации и за ментори во компаниите, како и воспоставувањето на мрежата за стручно образование на Југоисточна Европа.

На втората панел-дискусија насловена „Улогата на бизнисот во реализацијата на резултатите“ претставници на Стопанската комора и на бизнис-заедницата говореа за нивното учество во креирањето на стандардите на занимањата и квалификациите, кое има посебно значење во изработката на стандардот на одредено занимање бидејќи се тие најкомпетенти да го дадат описот на занимањето и на потребните знаења и вештини што треба да ги поседуваат лицата за да можат да ги извршуваат работните функции на занимањето, ги поврзуваат потребите на бизнисите со образованието и обуката на работната сила и ги прават релевантни на потребите, а тоа влијае врз:

1.     подобрувањето на конкурентноста на пазарот преку стандардизација на вештините затоа што во стандардите на занимање се дефинира нивото на знаењата, вештините и на компетенциите потребни за одредени професии, што овозможува бизнисите да имаат подобар пристап до квалификувана работна сила, а тоа е клучно за нивната продуктивност и конкурентност;

2.     поддршката за економскиот развој преку приспособување на пазарот на трудот, бидејќи со учеството во креирањето стандарди бизнис-заедницата може да влијае врз насоките на образованието и обуката, осигурувајќи дека работната сила е подготвена за потребите на современиот пазар;

3.     намалувањето на неформалната економијапреку формализација на занимањата, со што бизнис-заедницата може да придонесе за намалување на неформалната економија бидејќи работниците и компаниите ќе бидат поттикнати да ги почитуваат утврдените норми.

На настанот присуствуваа претставници од бизнис-секторот и од Министерството за образование и наука, наставници и директори на стручни училишта, како и претставници од Стопанската комора и од Центарот за развој на образованието и обуката.Во фокусот на третата панел-дискусија насловена Обезбедување квалитет беше осигурувањето квалитет, а во неа претставниците од Државниот просветен инспекторат и од Бирото за развој на образованието говореа за изработката на стандардот на компетенции за надворешни евалуатори и на прашалникот за потребите на надворешните евалуатори, како и на програмата за обука на надворешните евалуатори и за реализираната обука на евалуаторите (советници кои вршат стручен увид и/или оценување на воспитнообразовниот процес во училиштата). Исто така, во рамките на оваа компонента беа спроведени анализа на состојбата во сите држави вклучени во проектот и истражување за потребите на евалуаторите, кои споделуваа добри практики од шесте економии во делот на осигурувањето квалитет во образованието.

Latest

КОГА ТЕОРИЈАТА СТАНУВА РЕАЛНОСТ ВО РЕК БИТОЛА
БИТОЛА БЛЕСНА ВО ЗНАКОТ НА МОДАТА, КРЕАТИВНОСТА И МЛАДИТЕ ТАЛЕНТИ!
УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА – ОД КОНЦЕПТ, ПРЕКУ ДИЗАЈН, ДО ГОТОВ ПРОИЗВОД
РАДЕ КОНЧАР –ТЕП „УЧИМЕ ОД БИЗНИСОТ“ – ОБРАЗОВАНИЕТО СЕ ПОВРЗУВА СО ПРАКТИКАТА
Велес како последна станица за претставување на потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам
Претставени потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам пред ученици од Центар и од Аеродром
Средно што е вредно: Презентирани потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам пред ученици од Битола, Новаци и од Могила
Претставени кариерните можности во секторот туризам и угостителство пред ученици од Охрид и од Струга
СРЕДНОШКОЛСКИ НАТПРЕВАРИ ВО СЕКТОРИТЕ: ЕЛЕКТРОТЕХНИКА И ИНФОРМАТИЧКИ ТЕХНОЛОГИИ, МАШИНСТВО И СООБРАЌАЈ, ТРАНСПОРТ И СКЛАДИРАЊЕ
Претставени резултатите од регионалниот проект „Подобрување на квалитетот на образованието и на обуката“