25 јануари 2021

ОДРЖАН ДВОДНЕВЕН „ОНЛАЈН“-СЕМИНАР ЗА ИТ-БЕЗБЕДНОСТ И ЗА ЗАШТИТА НА ПОДАТОЦИ

Во услови на сѐ поголема употреба на дигиталните технологии во работењето, особено за време на светската пандемија кога голем дел од организациите се одлучија да овозможат работа од дома, се појавува потребата од зголемена безбедност на мрежите и на податоците со кои располага организацијата. Застојот во работењето е непожелно решение, па затоа од особена важност за една организација e да реагира соодветно, бргу и ефикасно, во согласност со претходно утврден план за санирање на секој проблем и за избегнување непожелни ситуации, обезбедувајќи професионализам и безбедност за компанијата и континуитет во работењето со клиентите. Без разлика дали станува збор за природна катастрофа или за последица од човечки фактор, потребно е секоја организација да поведе сметка и да ги заштити податоците за да не се доведе во ситуација која го нарушува имиџот, го намалува кредибилитетот на организацијата и влијае врз довербата на корисниците. Хакирањето сајтови стана честа појава, па добрата заштита и резервите на податоците се од суштинско значење за брзо надминување на кризните ситуации.

За таа цел, Стопанската комора на Македонија организираше дводневен „онлајн“-семинар на тема „ИТ-КАТАСТРОФИ И КОНТИНУИТЕТ ВО РАБОТЕЊЕТО“, чија цел беше воведување на менаџерите за информациски технологии во креирањето планови, тестирањето и во навремената заштита од отежнато функционирање или од целосно прекинување на работењето.

Предавач на семинарот беше Лука Милинковиќ, ИТ-ревизор во „НЛБ банка“ Белград, одговорен за информациска и за апликативна контрола. Милинковиќ има повеќегодишно искуство со контрола и со управување со ИТ-ризици, со специјализација во областа на дефинирањето ИТ-процеси (ITIL-процеси) и на примена на самата контрола.

Овој дводневен „онлајн“-семинар беше од практичен карактер, при што учесниците имаа можност да научат како да спроведат анализа на влијанието на работењето (BIA) и како да креираат планови и тестирања кои би довеле до полесно заздравување од катастрофите.

Стопанската комора на Македонија, преку Центарот за едукација и развој на човечки ресурси, активно ги следи барањата и потребите на компаниите, како и трендовите поврзани со новите технологии, сѐ во насока на навремено презентирање на новините пред претставниците од јавниот и од приватниот сектор и на континуирано унапредување на работењето.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија

Latest

БИТОЛА БЛЕСНА ВО ЗНАКОТ НА МОДАТА, КРЕАТИВНОСТА И МЛАДИТЕ ТАЛЕНТИ!
УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА – ОД КОНЦЕПТ, ПРЕКУ ДИЗАЈН, ДО ГОТОВ ПРОИЗВОД
РАДЕ КОНЧАР –ТЕП „УЧИМЕ ОД БИЗНИСОТ“ – ОБРАЗОВАНИЕТО СЕ ПОВРЗУВА СО ПРАКТИКАТА
Велес како последна станица за претставување на потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам
Претставени потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам пред ученици од Центар и од Аеродром
Средно што е вредно: Презентирани потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам пред ученици од Битола, Новаци и од Могила
Претставени кариерните можности во секторот туризам и угостителство пред ученици од Охрид и од Струга
СРЕДНОШКОЛСКИ НАТПРЕВАРИ ВО СЕКТОРИТЕ: ЕЛЕКТРОТЕХНИКА И ИНФОРМАТИЧКИ ТЕХНОЛОГИИ, МАШИНСТВО И СООБРАЌАЈ, ТРАНСПОРТ И СКЛАДИРАЊЕ
Претставени резултатите од регионалниот проект „Подобрување на квалитетот на образованието и на обуката“
ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КВАЛИТЕТ НА РАБОТАТА НА КООРДИНАТОРОТ ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА