21 април 2022

РЕЛЕВАНТНА УПИСНА ПОЛИТИКА – ОДГОВОР НА ПОТРЕБИТЕ НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ЗА СТРУЧЕН КАДАР

Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која се реализира со поддршка на проектот „Образование за вработување“, денес продолжи во Прилеп и Битола. На настанот во Прилеп заедно со претставници на бизнис заедницата, стручните училишта, Стопанската комора и Центарот за стручно образование, присуствуваше заменик министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, додека во Битола присуствуваше министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Домаќини на настаните беа градоначалниците на Прилеп и Битола.

Според министерот Шаќири, дијалогот е важен за учениците, но и за локалната самоуправа, бидејќи на тој начин се креираат квалитетни уписни политики, додека заменик министерот Алиу истакна дека идејата за квалитетна уписна политика е да се создаде квалитетен кадар кои ќе им служи на компаниите, а компаниите ќе и служат на самата општина, но и на целиот регион.

„Дуалниот модел на образование, кој со години наназад го заговараше Стопанската комора, е најефикасен начин за обезбедување стручен кадар кој придонесува за продуктивност во работењето, но и за раст и развој на компаниите, како и можност за подобрување на извозот на компаниите на европските и светските пазари“ истакна м-р Наташа Јаневска од Стопанската  комора.

„Годишните анализи кои ги прави Стопанската комора за потребата од кадар за компаниите, членки на Комората, покажуваат дека 62% од компаниите се соочуваат со недостиг од стручен кадар, а од друга страна, според Извештајот на  Европската комисија за напредокот на нашата земја, 80 % од невработените, се долгорочно невработени, зашто немаат стручни вештини. Причината за тоа, компаниите ја гледаат во досегашната уписна политика која не ги следеше потребите на бизнис заедницата на локално и регионално ниво. Токму со оваа кампања, преку социјалниот дијалог, каде компаниите на локално и регионално ниво ги искажаа своите потреби, а образовните институции излегоа во пресрет на нивните барања, минатата учебна година беше креирана релевантна уписна политика“ изјави Јаневска.

Јаневска потенцираше дека Комората, како најстара и најголема бизнис заеднива, во делот на образованието работи на две цели. Едната е да обезбедиме стручен кадар за потребите на компаниите, а втората цел е, да ја разбиеме предрасудата дека во стручното образование се запишуваат само послабите ученици и дека не е толку атрактивно. Со рамноправно учество со Министерството за образование и наука во оваа кампања, направивме да се подигне степенот на атрактивност на стручното образование и преку социјалниот дијалог направивме да се дизајнираат токму такви програми кои му се потребни на бизнис-секторот. Но работиме и на тоа, бизнис секторот да ги отвори вратите и да ги земе учениците на практична обука каде ќе можат теоретското знаење, практично да го применат во стекнувањето на стручни вештини. Резултат на тоа, е вклученоста на 211 компании во процесот на стручното образование. Комората помага во обезбедување ментори, лица вработени во компаниите кои ги водат учениците низ работниот процес додека реализираат практична обука во компаниите и во верификацијата на компаниите за реализација на практичната обука.

„Дополнително, Комората, преку Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан, обезбеди грант од 3,5 милиона евра за модернизација на стручното образование. Средствата се обезбедени преку Германската развојна банка. Едно стручно училиште и две или повеќе компании како Конзорциум, може да учествуваат на повикот за добивање на грантот и да добијат од 100 000 до 600 000 евра за набавка на современи машини и опрема и да ги опремат своите лабаратории и работилници за реализација на практична обука. Во моментов грант добиле 8 такви конзорциуми, односно 8 стручни училишта и 29 компании. Кон крајот на месец март се очекува и вториот повик и ги охрабрувам стручните училишта од Прилеп и Битола  во соработка со компаниите да учествуваат на овој повик“, истакна Јаневска.

Како резултат на минатогодишниот социјален дијалот, во Прилеп се отворија вкупно 7 дуални паралелки со вкупно 99 запишани ученици, а во Битола, Ресен и Демир Хисар се отворија вкупно 5 дуални паралелки со вкупно 67 запишани ученици.

Последни

ТРИАГОЛНИКОТ МЕНТОР-УЧЕНИК-КООРДИНАТОР ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА-АЛАТКА ЗА КВАЛИТЕТНА ПРАКТИЧНА ОБУКА
Приказна на Виктор Анѓелов, дипломиран машински инженер, раководител на погон Алатница и сертифициран ментор за практична обука на ученици во компанијата „Руен Инокс Автомобиле“, Кочани
ОТВОРЕН ДЕН НА АСУЦ „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ СКОПЈЕ – МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА НА СОРАБОТКАТА СО РЕАЛНИОТ СЕКТОР И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР
ПРАКТИЧНА ОБУКА ВО КОМПАНИЈА – ВИСТИНСКИ ЛУЃЕ НА ВИСТИНСКО РАБОТНО МЕСТО
САЕМ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И ПРАКТИКАНСТВО – СПОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО И РЕАЛНИОТ СЕКТОР
СОУ „БОГДАНЦИ“, БОГДАНЦИ – УСПЕШНА ПРИКАЗНА ЗА ДУАЛНИОТ КОНЦЕПТ НА ОБРАЗОВАНИЕ
ПРАКТИЧНАTA НАСТАВА ВО ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА – ПОДГОТОВКА НА ИДНИ КОЛЕГИ
И ВО СОПСТВЕНАТА ЗЕМЈА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ ПРОФЕСИОНАЛНА ИДНИНА
УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е НАЧИН ЗА ПОСВЕТЕНИТЕ УЧЕНИЦИ ВЕДНАШ ДА НАЈДАТ РАБОТА
ПРАКТИЧНА НАСТАВА ВО КОМПАНИИТЕ – ОБОСТРАН БЕНЕФИТ И ЗА КОМПАНИИТЕ И ЗА УЧЕНИЦИТЕ