21 април 2022

РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ВЕШТИНИ ЗА ИДНИТЕ РАБОТНИ МЕСТА“

Во организација на Стопанската комора на Северна Македонија и Министерството за образование и наука, а со поддршка на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, се реализира дводневната конференција од регионален карактер на тема: „Вештини за идните работни места“. Целта на регионалната конференција е на едно место да се обединат експертите кои ќе разменуваат искуства, идеи и ќе помагаат на земјите во регионот во насока на идентификување на идните потреби од вештини кои ќе бидат побарувани на пазарот на труд во насока на воспоставување рамнотежа помеѓу понудата на вештини од страна на образовните инситуции и побарувачката од страна на реалниот сектор.

Во своето обраќање м-р Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија истакна дека Комората е системски чинител кој ги поврзува и обединува бизнисите од една страна и државата од друга. Јавните овластувања што и се делегирани од државата во ситуација на коморски плурализам само ја потврдуваат професионалноста и важноста на Комората во целиот образовен систем и во развојот и имплементацијата на концептот за учење преку работа и дуално образование.

Промените на состојбата на глобален план влијаеја и на промените на работните места во индустријата и на потребите за вештини на работниот кадар во секторот. Оттука разбирањето на барањата за нови вештини е од клучно значење за справување со предизвиците во побарувачката за вештини. Важна е регионалната соработка за да се излезе во пресрет на предизвиците со кои се соочува реалниот сектор во делот на образовните процеси, заклучи Пешев.

„Реализацијата на Конференцијата, значително ќе придонесе кон градењето на нови квалитетни генерации, опремени со потребните вештини за да одговорат на предизвиците на новите работни места кои ќе се создадат по 10 години од сега. Можеби делува дека има време, но земјите со визија за добра иднина преземаат чекори сега и веднаш“, истакна д-р Јетон Шаќири, министер за образование и наука,  додавајќи дека Северна Македонија веќе спроведува крупни реформи во образовниот систем за создавање стручен кадар, кој ќе биде препознат на пазарот на трудот.
На конференцијата, амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Вероник Хулман упати порака дека образовните инситуции мора да работат заедно со приватниот сектор во дефинирањето на образовните програми и обликување на кадарот. Мора да се најде начин како да се смени перцепцијата на родителите и учениците дека стручното образование е важно за обезбедување на професионално напредување на секоја индивидуа, а на тој начин и градење на силна економија. Со активностите кои се превземаат секоја година, се подига атрактивноста на стручното образование и расте бројката на запишани ученици и бројката на компании вклучени во образовниот процес.

Во рамки на првиот ден од конференцијата беа одржани 4 панел дискусии за секторите: производство, транзиција кон зелена енергија, ИКТ и туризам и угостителство.
На панелот посветен на производствениот сектор,  модериран од страна на м-р Марта Наумовска Грнарова, генерален директор на Завар компани, членка на Стопанската комора, свое обраќање имаше и м-р Наташа Јаневска, експерт за образование во Комората, која се фокусираше на идните вештини кои ги бараат компаниите од овој сектор, според анализите за предвидување на потребните вештини.
„Производствениот сектор е важен темел на економијата, бидејќи учествува со 37% во создавањето на БДП и апсорбира околу 257.000 вработени според последните официјални податоци“ изјави Јаневска. 

Според компаниите, околу две третини од работните места до 2030 година ќе побаруваат меки вештини кои ќе придонесат за раст на продуктивноста и одржливост на компаниите. Како најзначајни вештини кои ќе се бараат во иднина се: критичкото размислување, решавање на проблеми, аналитички вештини, емоционална интелигенција, вештини за корпоративна одговорност, вештини за обработка на податоци како и вештини за прилагодување на промените и прифаќање на предизвиците во услови на брзо и динамично опкружување, заклучи Јаневска во своето излагање.

Интерактивниот пристап кој го понуди Конференцијата на која присуствуваа учесници од земјите од Југоисточна Европа, како и експертите од Европската тренинг фондација, претставува солидна основа за градење платформа за размена на искуства и идеи помеѓу образовниот и приватниот сектор.

Последни

ТРИАГОЛНИКОТ МЕНТОР-УЧЕНИК-КООРДИНАТОР ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА-АЛАТКА ЗА КВАЛИТЕТНА ПРАКТИЧНА ОБУКА
Приказна на Виктор Анѓелов, дипломиран машински инженер, раководител на погон Алатница и сертифициран ментор за практична обука на ученици во компанијата „Руен Инокс Автомобиле“, Кочани
ОТВОРЕН ДЕН НА АСУЦ „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ СКОПЈЕ – МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА НА СОРАБОТКАТА СО РЕАЛНИОТ СЕКТОР И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР
ПРАКТИЧНА ОБУКА ВО КОМПАНИЈА – ВИСТИНСКИ ЛУЃЕ НА ВИСТИНСКО РАБОТНО МЕСТО
САЕМ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И ПРАКТИКАНСТВО – СПОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО И РЕАЛНИОТ СЕКТОР
СОУ „БОГДАНЦИ“, БОГДАНЦИ – УСПЕШНА ПРИКАЗНА ЗА ДУАЛНИОТ КОНЦЕПТ НА ОБРАЗОВАНИЕ
ПРАКТИЧНАTA НАСТАВА ВО ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА – ПОДГОТОВКА НА ИДНИ КОЛЕГИ
И ВО СОПСТВЕНАТА ЗЕМЈА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ ПРОФЕСИОНАЛНА ИДНИНА
УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е НАЧИН ЗА ПОСВЕТЕНИТЕ УЧЕНИЦИ ВЕДНАШ ДА НАЈДАТ РАБОТА
ПРАКТИЧНА НАСТАВА ВО КОМПАНИИТЕ – ОБОСТРАН БЕНЕФИТ И ЗА КОМПАНИИТЕ И ЗА УЧЕНИЦИТЕ