3 октомври 2022

РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА УПИС ВО СТРУЧНИТЕ УЧИЛИШТА

Во соработка со ЕВН Македонија, СETУГС „Михало Пупин“, Скопје е пионир во дуалното образование

 

Оваа учебна година во СЕТУГС „Mихајло Пупин“, Скопје се формираа 10 паралелки, 2 паралелки повеќе во споредба со минатата учебната година, што покажува дека расте интересот за упис на деветтоодделенците во стручните училишта.  Училиштето е едно од пионерите кои го имплементираа дуалниот модел на образование во нашата земја во соработка со компанијата „ЕВН Македонија“, преку познатиот проект „20-20-20“, за квалификациите Електричар електромонтер на електроенергетски мрежи и Електротехничар – енергетичар. Минатата година, во „ЕВН Македонија“, беше вработена првата генерација на средношколци од СЕТУГС „Mихајло Пупин“ кои се образуваа и обучуваа преку овој проект. Со текот на годините, училиштето со поддршка на Стопанската комора склучи соработка и со други компании за реализација на дуалниот модел на образование, затоа што дуалните паралелки нудат големи поволности, односно овозможуваат учениците да ги потврдуваат и применуваат теоретските знаења преку практична настава во компаниите.

Училиштето располага со кабинети, лаборатории и работилници за реализација на практичната настава и за вежбите по стручните предмети за квалификациите кои ги нуди (кабинети за програмирање, кабинет за информатика и компјутерска техника, кабинет за 3Д-моделирање, лабораторија за автоматика и роботика и две лаборатории по електроника, лабораторија по електротехника, лабораторија за енергетска ефикасност на објекти, лабораторија за интелигентни електрични инсталации, лабораторија за електрични мерења, како и полигон во дворот на училиштето, опремен со сите потребни нагледни средства за откривање, симулација и отстранување дефекти на електродистрибутивната мрежа). „ЕВН Македонија“ помогна во опремување на училишната работилница и училници за квалификациите Електричар електромонтер на електроенергетски мрежи и Електротехничар – енергетичар.

Оваа учебна година на обуката за спроведување на програмата за ученичкa компанија на „Џуниор Ачивмент Македонија“, што се одржа во септември, професорите Aња Манчевска и Сенад Сејфиќ од СЕТУГС „Михајло Пупин“ ги освоија првите места за идејно решение поврзано со формирање ученичка компанија.

СЕТУГС „Михајло Пупин“ е и меѓу првите училишта што почнаа револуција во енергетската ефикасност. Училиштето има фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 12kW, поврзана со електродистрибутивната мрежа, која се користи за напојување на компјутерите, осветлување и за задоволување на други потреби на училиштето.

Latest

Решение за акредитација на организатор на обуки за ментори за Стопанската комора на Северна Македонија издадено од МОН
УЧЕЊЕТО ПРЕКУ РАБОТА ВО ДРЕКСЛМАЈЕР (DRÄXLMAIER) РАЗВИВА ВЕШТИНИ, ПОТТИКНУВА ИНОВАТИВНОСТ И ГИ НАДМИНУВА ПРЕДРАСУДИТЕ ЗА ПРОФЕСИИТЕ
КОГА ТЕОРИЈАТА СТАНУВА РЕАЛНОСТ ВО РЕК БИТОЛА
БИТОЛА БЛЕСНА ВО ЗНАКОТ НА МОДАТА, КРЕАТИВНОСТА И МЛАДИТЕ ТАЛЕНТИ!
УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА – ОД КОНЦЕПТ, ПРЕКУ ДИЗАЈН, ДО ГОТОВ ПРОИЗВОД
РАДЕ КОНЧАР –ТЕП „УЧИМЕ ОД БИЗНИСОТ“ – ОБРАЗОВАНИЕТО СЕ ПОВРЗУВА СО ПРАКТИКАТА
Велес како последна станица за претставување на потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам
Претставени потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам пред ученици од Центар и од Аеродром
Средно што е вредно: Презентирани потенцијалите на образовните профили во секторот угостителство и туризам пред ученици од Битола, Новаци и од Могила
Претставени кариерните можности во секторот туризам и угостителство пред ученици од Охрид и од Струга