21 април 2022

ДУАЛНИОТ МОДЕЛ НА ОБРАЗОВАНИЕ – РЕШЕНИЕ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КАДАР ЗА УГОСТИТЕЛСКИОТ СЕКТОР ВО ВЕЛЕС

Недостигот од стручен кадар со квалификации готвач и келнер е главниот проблем со кој се соочуваат фирмите од угостителскиот сектор во Велес. Сопствениците на хотелите и на рестораните сметаат дека тоа многу влијае врз нивната продуктивност и врз развојот на нивната дејност, а истовремено е ограничувачки фактор за нивните инвестирања и идни планови за развој.

Стопанската комора на Северна Македонија, како мост помеѓу образованието и бизнис-заедницата, чија цел е насочена кон создавање кадар за потребите на бизнис-заедницата, организираше состанок со стопанствениците од угостителскиот сектор од Велес, за да се изнајде заедничко решение за надминување на овој проблем. На состанокот со менаџерите на 10 фирми од овој сектор присутни беа и Даниела Василевска-Михајловска, менаџер за услужниот сектор во Стопанската комора и координатор на Здружението за угостителство и туризам; м-р Наташа Јаневска, експерт во Комората за сегментот образование; Чедомир Димовски, советник од Центарот за стручно образование и обука и педагогот од Средното стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес.

Во рамките на дискусијата беше посочено дека Комората секогаш им излегува во пресрет на своите членки за изнаоѓање заеднички решенија. Во таа насока, покрај брзите обуки за преквалификација преку неформалното образование, во многу краток рок компаниите може да дојдат до посакуваниот кадар и преку формалното образование, преку дуалниот модел, на чија примена Комората активно работи многу години наназад, како најефикасен начин за обезбедување кадар за потребите на бизнисот, посочи Даниела Михајловска-Василевска.

Градење заеднички партнерства во образовниот процес, во кој стручното училиште обезбедува теоретски знаења, а компанијата практични вештини, компетенции и работни навики, кои се програмираат според карактерот на квалификацијата, и овозможува применливост на теоретското знаење, истакна м-р Наташа Јаневска. На претставниците од фирмите им ја презентираше и постапката за вклучување во дуалниот модел на образование и разликата меѓу моделот учење преку работа, во кој досега биле вклучени. Посебен акцент стави врз сертифицираните ментори во компаниите, искусни вработени лица во фирмите, кои се надлежни за учениците кои реализираат практичната обука во фирмите, за да ги водат учениците низ работниот процес и за да им го пренесат своето знаење и искуство, како и врз верификацијата на фирмата за реализација на практичната обука. Сертификацијата на менторите и верификацијата на фирмата ги врши Комората. За сертифицирање на менторите Комората организира тридневна обука, за која менторите добиваат сертификат, а комисија формирана од Комората проверува дали фирмата ги исполнува условите за вршење практична обука, за која издава решение за верификација на фирмата.

Советникот од Центарот за стручно образование и обука ја објасни постапката за развивање нови образовни програми и модули за стекнување квалификации според нивните потреби. Од училиштето „Коле Неделковски“ се отворени за соработка и веќе имаат доставено барање за отворање една ваква дуална паралелка, но, според потребите на бизнисот од овој сектор, потребно е отворање две вакви дуални паралелки.

Гледајќи на подолг рок, дуалниот модел на образование ќе им овозможи на стопанствениците самите, преку практичната обука во нивните фирми, да го подготвуваат сопствениот кадар, кој веднаш по неговото завршување ќе може и да го вработат. Во текот на зголемената практична обука ученикот се запознава и со специфичностите и со организациската структура на организацијата и со сите предности и позитивни страни на квалификацијата што ја стекнува, келнер или готвач.

Последни

ТРИАГОЛНИКОТ МЕНТОР-УЧЕНИК-КООРДИНАТОР ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА-АЛАТКА ЗА КВАЛИТЕТНА ПРАКТИЧНА ОБУКА
Приказна на Виктор Анѓелов, дипломиран машински инженер, раководител на погон Алатница и сертифициран ментор за практична обука на ученици во компанијата „Руен Инокс Автомобиле“, Кочани
ОТВОРЕН ДЕН НА АСУЦ „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ СКОПЈЕ – МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА НА СОРАБОТКАТА СО РЕАЛНИОТ СЕКТОР И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР
ПРАКТИЧНА ОБУКА ВО КОМПАНИЈА – ВИСТИНСКИ ЛУЃЕ НА ВИСТИНСКО РАБОТНО МЕСТО
САЕМ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И ПРАКТИКАНСТВО – СПОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО И РЕАЛНИОТ СЕКТОР
СОУ „БОГДАНЦИ“, БОГДАНЦИ – УСПЕШНА ПРИКАЗНА ЗА ДУАЛНИОТ КОНЦЕПТ НА ОБРАЗОВАНИЕ
ПРАКТИЧНАTA НАСТАВА ВО ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА – ПОДГОТОВКА НА ИДНИ КОЛЕГИ
И ВО СОПСТВЕНАТА ЗЕМЈА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ ПРОФЕСИОНАЛНА ИДНИНА
УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е НАЧИН ЗА ПОСВЕТЕНИТЕ УЧЕНИЦИ ВЕДНАШ ДА НАЈДАТ РАБОТА
ПРАКТИЧНА НАСТАВА ВО КОМПАНИИТЕ – ОБОСТРАН БЕНЕФИТ И ЗА КОМПАНИИТЕ И ЗА УЧЕНИЦИТЕ