28 мај 2021

ГЛАСОТ НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА – ДЕБАТА НА СОЦИЈАЛНИТЕ ПАРТНЕРИ И РАБОТОДАВАЧИТЕ

Потребата од измени во Законот за стручно образование и обука кои беа иницирани во насока на отстранување на пречките за негова функционалност во решавање на предизвикот од несовпаѓањето на вештините со потребите на реалниот сектор, доведоа до креирање на ново законско решение кое ќе го регулира стручното образование и обука.

За таа цел, Стопанската комора на Северна Македонија, со поддршка на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“-Е4E@мк, организира дебата на тема: „Гласот на бизнис заедницата за предлог законот за стручно образование и обука“ за презентирање на ставовите на бизнис заедницата како активен социјален партнер, кој во изминатиот период поинтензивно е вклучен во креирањето на образовните политики преку искажување на своите ставови и мислења по однос на предлог законот за стручно образование и обука.

За улогата на коморите и работодавачите во процесот на стекнување квалификации во стручното образование пред учесниците се обрати г-дин Борчо Алексов, претседател на Одборот за Националната рамка на квалификации и воедно член на Советодавната група за Европска рамка на квалификации при Европската комисија, како и член на Групата за следење на Болоњскиот процес. Во своето обраќање г-дин Алексов потенцираше дека квалификациите треба да се обликуваат на начин кој е условен од нивното користење, а токму рабодотовачите се едни од најзначајните учесници во обликувањето и следењето на квалитетот на квалификациите и нивното вреднување и унапредување. Пред учесниците ја презентираше предлог препораката на Советот за стручно образование и обука при Европската Комисија, за одржлива конкурентност, општествена правичност и жилавост, која се фокусира на градење стручно образование и обука коe e агилнo во прилагодувањето кон динамичните промени на пазарот на труд.  Подобрите предвидувања на вештините и механизмите за следење на завршените ученици за да се одговори на промените во стопанскиот сектор и занимањата во склад со нив, бара соодветно прилагодување и на содржините на стручното образование и обука. Улогата на работодавачите во обликувањата на полните квалификации и микроквалификациите е од есенцијално значење и новиот закон за стручно образование и обука треба да ги отсликува потребите на работодавачите, гарантирајќи квалитет на квалификациите, заклучни г-дин Алексов.

Пред учесниците, м-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Северна Македонија, ги презентираше клучните поенти од предлог-законот за стручно образование и обука,  со фокус на улогата на коморите и социјалните партнери, и правата и обврските на работодавачите во процесот на стручното ообразование и обука. Функционалноста и реализацијата на стручното образование и обука подразбира партнерски однос и проактивно заедничко учество на главните актери во процесот, а работодавачите се директните корисници на стекнатите знаења и вештини на завршените ученици од стручното образование и обука. Затоа од исклучителна важност е активно да учествуваат во создавањето на стручниот кадар преку зголемена вклученост во процесот на стручното образование, потенцираше м-р Јаневска.

Презентацијата беше добра основа за развивање на дискусија во која учество земаа претставници од коморите, организацијата на работодавачи, компаниите кои се вклучени во процесот на практична обука и дуално образование, презентирајќи ги своите ставови и и мислења по однос на предлог-законот. Најголем дел од презентираните ставови се однесуваа на прилагодување на уписната политика, во делот на селекција на ученици во стручното образование, инклузивното образование прилагодено на природата на компаниите, јасно дефинирање на правата и обврските на работодавачите во насока на градење позитивна клима и поттикнување на приватниот сектор за уште поголемо вклучување во образовниот процес.

Во дебата беа вклучени и претставници од Министерството за образование и наука кои известија дека од страна на коморите, организацијата на работодавачи, и од самите работодавачи, има активен придонес, преку доставување свои коментари по однос на предлог-законот кои моментално се на разгледување и ќе влијаат на подобрување на предлог-законот.

Потребата од создавање на активен дијалог помеѓу сите чинители кои се вклучени во креирањето на образовните политики е од особена важност особено при донесувањето на законски прописи кои ќе служат како поддршка на образовниот процес, но и гаранција за квалитетно стручно образование и обука. Само преку градење ставови врз основа на мислењата на оние кои директно се вклучени во реализирањето на практичната обука можеме да обезбедиме конзистентност и да го трасираме патот по кој, како социјални партнери, би се движеле во доменот на обезбедување квалитетно стручно образование и кадар по мерка на бизнисот,  изјави Михајло Донев, соработник во Стопанската комора на Северна Македонија.

Последни

СОУ „БОГДАНЦИ“, БОГДАНЦИ – УСПЕШНА ПРИКАЗНА ЗА ДУАЛНИОТ КОНЦЕПТ НА ОБРАЗОВАНИЕ
ПРАКТИЧНАTA НАСТАВА ВО ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА – ПОДГОТОВКА НА ИДНИ КОЛЕГИ
И ВО СОПСТВЕНАТА ЗЕМЈА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ ПРОФЕСИОНАЛНА ИДНИНА
УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е НАЧИН ЗА ПОСВЕТЕНИТЕ УЧЕНИЦИ ВЕДНАШ ДА НАЈДАТ РАБОТА
ПРАКТИЧНА НАСТАВА ВО КОМПАНИИТЕ – ОБОСТРАН БЕНЕФИТ И ЗА КОМПАНИИТЕ И ЗА УЧЕНИЦИТЕ
УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ – РАЗВИВАЊЕ НА ПОТЕНЦИЈАЛИТЕ НА КАДАРОТ И ПОДИГАЊЕ НА НИВОАТА НА ВЕШТИНИТЕ И СПОСОБНОСТИТЕ
УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: СЕКОЈ НАШ УЧЕНИК ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ СТАНУВА НАШ КОЛЕГА
ПЕТТА ГЕНЕРАЦИЈА НА УЧЕНИЦИ КОИ РЕАЛИЗИРААТ ПРАКТИЧНА ОБУКА ВО „ДРЕКСЛМАJЕР МАКЕДОНИЈА“ СПОРЕД ДУАЛНИОТ МОДЕЛ НА ОБРАЗОВАНИЕ
НАЈДОБРИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ – ИДЕН КОМПЕТЕНТЕН КАДАР ЗА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА
КОМПАНИЈА „РОНТИС“ ОД ВЕЛЕС ДАВА КОНТИНУИРАНА ПОДДРШКА НА СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ПРЕКУ СОРАБОТКА СО СРЕДНИТЕ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА