21 април 2022

УЛОГАТА НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ВО КРЕИРАЊЕ НА НАСТАВНИ ПРОГРАМИ

Bо рамките на кампањата за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“ која ја спроведува Министерството за образование и наука со поддршка од Швајцарската амбасада во Скопје, денес во Кочани и Делчево беа одржани средби на која учествуваа државниот секретар во МОН, Анета Трпевска, преставникот од Стопанската комора на Македонија, Елизабета Андриевска-Ефтимова, Лепа Трпческа од Центарот за стручно образование, градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, градоначаникот на Општина Виница Миле Петков, а во Делчево присутни беа градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, градоначалниците на Берово,  Ѕвонко Пекевски и од Македонска Каменица, Димче Атанасовски, како и директори од средните стручни училишта и од бизнис-секторот од регионот.

На средбата беше потенцирано дека Министерството за образование и наука, активно работи на подобрување на средното стручно образование, со единствена цел да креира квалификуван и стручен кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на трудот, но и да ја зголеми можноста за вработување на младите.

-Се спроведува анализа за да се утврди  соодветноста на  постојните образовни профили кои ги нудат училиштата, како и на потребата од нови профили кои им се потребни на компаниите, но не се вклучени во наставните програми. Компаниите и нивните потреби од стручен кадар ќе имаат најважна улога при дизајнирање на наставните програми. Со цел да се идентификуваат, се повикуваат компаниите да земат активна улога во целиот процес преку давање предлози, сугестии и мислења како да се унапреди системот на средно стручно образование и кои наставни профили да се отворат во училиштата кои се во областите, каде што компаниите делуваат, потенцираше државниот секретар Трпевска.

Создавање на квалификуван кадар со стручни вештини согласно потребите на  компаниите преку преструктуирање на образовниот систем; хармонизација на законската регулатива во областа на образованието; креирање на релевантна уписна политика; реализација на практична обука во компаниите (учење преку работа) и дуален модел на образование преку обука на стручно лице ментор во компанија и верификација на самата компанија како и надминување на јазолот помеѓу понудата и побарувачката на вештини и на компетенции се цели и приоритети за кои се залага Комората, потенцираше Елизабета Андриевска-Ефтимова, која дополнително ја објасни и важноста и улогата на Комората во целиот проект реализиран од страна на МОН.

МОН, втора година по ред води дијалог на локално ниво за унапредување на средното стручно образование. Во учебната 2021/22 година бројот на дуални паралелки од 11 се зголеми на 97, со вклучени над 200 компании. Во овие дуални паралелки се запишаа 1.400 ученици, што е за 6% повеќе ученици во средно техничко образование. Променети се и политиките за стипендирање, односно учениците запишани во дуалните паралелки во средните училишта, добиваат месечна стипендија во висина од 3.500 денари.

На настаните и во Кочани и во Делчево присутните преку дискусија дадоа предлози и мислења за унапредување на системот на образование, како и сугестии за нови наставни профили и струки во средните стручни училишта, во којшто процес е потребно партнерство помеѓу средните училишта во општината и локалните компании.

Последни

ВИСОК СТЕПЕН НА ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ И ПОСВЕТЕНОСТ ВО РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА УЧЕЊЕТО ПРЕКУ РАБОТА
МАКЕДОНСКИТЕ АМБАСАДОРИ ВО НАУКАТА
МАКЕДОНСКИТЕ АМБАСАДОРИ ВО ИНФОРМАТИКАТА И ГЕОНАУКАТА
ПРВА И ВТОРА НАГРАДА ЗА БАЛЕРИНИТЕ ОД ДМБУЦ „ИЛИЈА НИКОЛОВСКИ-ЛУЈ“ НА МЕЃУНАРОДНИОТ БАЛЕТСКИ НАТПРЕВАР „МИА ЧОРАК СЛАВЕНСКА“ ВО ХРВАТСКА
ОД ЕВРОПСКА ГЛЕДНА ТОЧКА: ВИРТУЕЛНАТА КОМПАНИЈА ОД СОУ „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ“ – ПРИЛЕП, ПЛАСИРАНА НА ЕВРОПСКИОТ НАТПРЕВАР ЗА ПРЕТПРИЕМНИШТВО ВО ИТАЛИЈА
Улогата на коморите и бизнис организациите во креирањето на стручното образование и обука во Швајцарија
ОТВОРЕН ДЕН – ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО КОМУНИКАЦИЈАТА ПОМЕЃУ КОМПАНИИТЕ И СРЕДНИТЕ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА
ТРИАГОЛНИКОТ МЕНТОР-УЧЕНИК-КООРДИНАТОР ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА-АЛАТКА ЗА КВАЛИТЕТНА ПРАКТИЧНА ОБУКА
Приказна на Виктор Анѓелов, дипломиран машински инженер, раководител на погон Алатница и сертифициран ментор за практична обука на ученици во компанијата „Руен Инокс Автомобиле“, Кочани
ОТВОРЕН ДЕН НА АСУЦ „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ СКОПЈЕ – МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА НА СОРАБОТКАТА СО РЕАЛНИОТ СЕКТОР И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР