ПОТРЕБА ОД НОВИ КВАЛИФИКАЦИИ ВО ГРАДЕЖНИОТ, СООБРАЌАЈНИОТ И ЗДРАВСТВЕНИОТ СЕКТОР
Социјалниот дијалог во рамките на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ за унапредување на стручното образование се реализираше во Куманово и Крива Паланка. На настанот беа присутни заменик министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, градоначалниците на Куманово и Крива Паланка, Максим Димитриевски и Сашко Митовски, секретарот на општина Кратово, преставникот од Стопанската комора на Северна Македонија, Наташа Јаневска и заменик директорот на Центарот за стручно образование и обука, како и претставници на бизнис заедницата и средните стручни училишта од општините и регионот.
Целта на ваквите дијалози е креирање на уписната политика за учебната 2022/2023 година според потребите на бизнис заедницата на локално и регионално ниво и унапредување на средното стручно образование.
„Оваа кампања се реализира веќе втора година и добиените резултати од минатата учебна 2021/2022 година нѐ охрабрија да продолжиме со овие активности и во креирањето на уписната 2022/2023 година. Зголемен е интересот на учениците за запишување во стручното образование, но и интересот на компаниите за вклучување во дуалното образование. Во тековната учебна година беа отворени 97 дуални паралелки во кои образовниот процес го следат 1400 ученици“, изјави заменикот министер Алиу.
На вчерашните средби во Куманово и Крива Паланка заменик министерот, Алиу потенцираше дека важен мотив за запишување на учениците во дуалните паралелки се и стипендиите, во износ од 3.500 денари месечно, кои ги доделува министерството.
Градоначалникот Димитриевски напомена дека стручните училишта имаат за цел да произведат стручни кадри кои подоцна би биле ангажирани од бизнис заедницата на локално и регионално ниво. „Во подем е техничката струка и веќе имаме реализирано инвестиција од странската компанија „Дрекслермаер“, a дополнително до крајот на годината изградба на уште еден таков капацитет со можност до следната година за вработување до 2.000 луѓе. За тие капацитети ќе треба да се произведе стручен кадар“, потенцираше Димитриевски.
Наташа Јаневска од Стопанската комора истакна дека со години се занимаваат со оваа проблематика и воведувањето на дуалното образование го оценуваат како најефикасен метод за обезбедување стручен кадар за компаниите.
„Тоа значи дека компаниите ги поставуваат барањата, образовните институции кои предходно делуваа како одвоен свет од компаниите, успеавме да ги приближиме со бизнис заедницата, на тој начин што ќе излезат во пресрет да креираат квалификации и образовни програми според потребите на компаниите, а компаниите, што е многу важно, да ги земат учениците на практична обука за да им ги обезбедат стручните вештини на учениците. Она што е стекнато во училишните клупи да се примени на работното место и потоа да можат да ги вработат по нивното завршување. Овој социјален дијалог вроди со плод и од 11 компании во учебната 2021/2022 година, оваа учебна година во дуалното образование се вклучија на над 200 компнании, потенцираше Јаневска.
Во општина Крива Паланка се отворени 4 дуални паралелки во машинска, електро и угостителска струка, а во општина Куманово 6 дуални паралелки во земјоделска, хемиско-технолошка и струката за лични услуги. Претставниците на бизнис заедницата ги искажаа своите потреби за креирање на нови квалификации и кадар во градежниот, сообраќајниот и здравствениот сектор, а министерството за образование и наука ќе излезе во пресрет на нивните барања.
Сподели на социјална мрежа: