20 април 2022

СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ НЕ Е ПОВЕЌЕ СТИГМА ЗА МЛАДИТЕ ЛИЦА

„Стручното образование повеќе да не биде стигма за младите лица кои се запишуваат во средно образование“, порача извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Антони Пешев, на денешниот настан за почеток на Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ за унапредување на стручното образование и обука, кој се одржа во Хотелот „Александар палас“ во Скопје.

Според извршниот директор Пешев, Комората со оваа проблематика се занимава веќе 15 години и особено го радува фактот што свеста кај компаниите се зголемува и што тие се вклучуваат во образовниот процес, а тоа го покажува и присуството на компаниите на овој настан.

„Кога пред 15 години Комората започна да се занимава со овој проблем, сѐ уште не постоеше свест дека стручното образование треба да се реформира и дека образованието обезбедува кадар за потребите на економијата, а сите со потценување гледаа на стручното образование и се стремеа да завршат високо образование, без да ја разберат смислата дека стручното образование е пасош во нивниот живот“, истакна Пешев.

Од самиот настан извршниот директор Пешев испрати три клучни пораки:

Антони Пешев

1.     Економијата да биде подготвена да ги прими младите средношколци на практична обука и да овозможи стекнување вештини, за тие да можат да се вработат веднаш по своето завршување.

2.     Училиштата да ги променат условите за работа, да го модернизираат наставниот процес и да се унапредат дигиталните вештини кај учениците.

3.     Државата да собере сила да ги приспособи образовните програми според потребите на компаниите.

„Кампањата ‘Учи паметно, работи стручно’ започна со реализација минатата година за да се креира релевантна уписна политика според потребите на бизнисот на локално и на регионално ниво и за да се зголеми атрактивноста на стручното образование. Почнувајќи од денес, во наредните 20 дена, кампањата ќе се реализира низ целата земја“, истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Заложбите што се прават за унапредување на стручното образование и за зголемување на неговата атрактивност уште повеќе се поттикнуваат со доделување стипендија на средношколците кои ќе се запишат во паралелките со дуално образование“, додаде министерот Шаќири.

Маја Талевска, раководител во Секторот за образование на Град Скопје, нагласи дека социјалниот дијалог е можност за воспоставување рамнотежа меѓу понудата и побарувачката за вештини на пазарот на трудот, што ќе придонесе за раст и за развој на економијата на локално ниво.

Директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари, истакна дека без бизнисот ние не би биле тука, па затоа мораме да им излеземе во пресрет на неговите потреби, а Центарот со својот кадар му ја дава сета поддршка на овој процес. Според него, 70 до 80 % од учениците се вклучени во процесот на учење преку работа, но не можеме да бидеме задоволни сѐ додека и последниот ученик не е вклучен во процесот.

Во рамките на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ ќе се организираат 18 настани на општинско/регионално ниво, во периодот од 14.2.2022 до 4.3.2022 година, на кои ќе присуствуваат градоначалници, претставници на компании, директори на средни стручни училишта, како и претставници на комори, на Здружението на работодавците, на синдикатите и други, на кои би се разговарало за потребите и за проблемите со кои се соочуваат сите засегнати страни, со цел прибирање дополнителни податоци за анализа, која би ни користела при креирање на уписната политика за учебната 2022/2023 година. На реализацијата на кампањата ѝ претходеше анализа на која учествуваа 400 компании, а 90 % од компаниите се изјасниле дека сакаат да се вклучат во дуалното образование.

Последни

ВИСОК СТЕПЕН НА ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ И ПОСВЕТЕНОСТ ВО РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА УЧЕЊЕТО ПРЕКУ РАБОТА
МАКЕДОНСКИТЕ АМБАСАДОРИ ВО НАУКАТА
МАКЕДОНСКИТЕ АМБАСАДОРИ ВО ИНФОРМАТИКАТА И ГЕОНАУКАТА
ПРВА И ВТОРА НАГРАДА ЗА БАЛЕРИНИТЕ ОД ДМБУЦ „ИЛИЈА НИКОЛОВСКИ-ЛУЈ“ НА МЕЃУНАРОДНИОТ БАЛЕТСКИ НАТПРЕВАР „МИА ЧОРАК СЛАВЕНСКА“ ВО ХРВАТСКА
ОД ЕВРОПСКА ГЛЕДНА ТОЧКА: ВИРТУЕЛНАТА КОМПАНИЈА ОД СОУ „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ“ – ПРИЛЕП, ПЛАСИРАНА НА ЕВРОПСКИОТ НАТПРЕВАР ЗА ПРЕТПРИЕМНИШТВО ВО ИТАЛИЈА
Улогата на коморите и бизнис организациите во креирањето на стручното образование и обука во Швајцарија
ОТВОРЕН ДЕН – ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО КОМУНИКАЦИЈАТА ПОМЕЃУ КОМПАНИИТЕ И СРЕДНИТЕ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА
ТРИАГОЛНИКОТ МЕНТОР-УЧЕНИК-КООРДИНАТОР ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА-АЛАТКА ЗА КВАЛИТЕТНА ПРАКТИЧНА ОБУКА
Приказна на Виктор Анѓелов, дипломиран машински инженер, раководител на погон Алатница и сертифициран ментор за практична обука на ученици во компанијата „Руен Инокс Автомобиле“, Кочани
ОТВОРЕН ДЕН НА АСУЦ „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ СКОПЈЕ – МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА НА СОРАБОТКАТА СО РЕАЛНИОТ СЕКТОР И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР