23 август 2024

МАКЕДОНСКИТЕ АМБАСАДОРИ ВО ИНФОРМАТИКАТА И ГЕОНАУКАТА

Две бронзени медали на Европската олимпијада по информатика за девојки во Холандија, три бронзени медали на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Молдавија, една сребрена и шест брозени медали на  Светската олимпијада по геонауки во Кина

 

Успехот кој го постигнаа нашите средношколци во силната конкуренција на олимпијадите е доказ за талентот на нашите ученици и посветеноста на професорите кои работаат со овие деца.

Две бронзени медали донесоа македонските ученички – информатичарки, Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид кои учествуваа на 4-тата Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024), која се одржа во Велдховен, Холандија, во конкуренција од вкупно 130 учеснички од 37 европски земји, а како претставници на земји-гости, во неофицијална конкуренција учествуваат и 65 ученички од 19 земји надвор од Европа (како Австралија, САД, Египет, Сингапур, Саудиска Арабија и др.). Олимпијадата се одржа од 21-ви до 27-ми јули 2024 година.

Тимот беше предводен од д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а организацијата беше на Здружението за информатичари на Македонија (ЗИМ).

Покрај ученичките Јована и Атина достоен резултат постигнаа и останатите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Ако се вклучат и овие две медали, македонските средношколки на досегашните четири по ред Европски олимпијади по информатика имаат освоено вкупно 1 сребрен и 6 бронзени медали, што претставуваат резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји – учеснички на олимпијадата. Европска олимпијада по информатика за девојки, има за цел да го промовира женското учество и застапеност во областа на информатиката преку обезбедување платформа за да можат талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво.

Три бронзени медали за Македонија, освоија учениците Владимир Грчев од Кочани; Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица на 8-та Европска јуниорска олимпијада по информтика (ЕЈОИ 2024) што се одржа во Кишињев, Молдавија, на која учествуваа 98 учесници од 26 европски земји. Олимпијадата се одржа од 16 август до 22 август 2024 година. Европска јуниорска олимпијада по информатика е најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години.

 

Тимот беше предводен од Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а четвртиот член на македонскиот тим на натпреварувачи беше и ученичката Бисера Илиева од Скопје.

Покрај овие три медали, македонските ученици, на досегашните осум европски јуниорски олимпијади по информатика, имаат освоено вкупно еден златен и шест бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата. Дополнително, годинава на Јуниорската балканска олимпијада, нашите натпреварувачи освоија три медали, а Македонија беше меѓу првите четири најдобри земји.

Македонските ученици Михаела Павловска од Македонска Каменица која освои сребрен медал; Ивана Атанасовска од Прилеп, Милена Ангелова од Делчево и Атанас Ташковски од Крушево кои освоија бронзени медали ја промовираа својата земја на  17- тата Светска олимпијада по геонауки IESO2024, која се одржа од 8 до 18 август 2024 година, во Пекинг, Кина.

Ивана Атанасоска, ученичка во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп и Милена Ангелова од СОУ „Методија Митевски Брицо“,  Делчево освоија бронзени медали во категоријата индивидуален тест на знаења и тоа помеѓу 140 ученици од 35 држави,  Михаела Павловска од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, Скопје освои сребрен, додека Атанас Ташковски од СОУ „Наум Наумовски Борче“, Крушево, Милена Ангелова и Ивана Атанасоска освоија бронзени медали во категоријата за интернационална тимска презентација.

Тимот беше предводен од проф. д-р Ивица Милевски и проф. д-р Свемир Горин од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а организацијата беше на Македонското географско друштво (МГД) и неговиот претседател Христина Димеска.

Последни

МАКЕДОНСКИТЕ АМБАСАДОРИ ВО НАУКАТА
МАКЕДОНСКИТЕ АМБАСАДОРИ ВО ИНФОРМАТИКАТА И ГЕОНАУКАТА
ПРВА И ВТОРА НАГРАДА ЗА БАЛЕРИНИТЕ ОД ДМБУЦ „ИЛИЈА НИКОЛОВСКИ-ЛУЈ“ НА МЕЃУНАРОДНИОТ БАЛЕТСКИ НАТПРЕВАР „МИА ЧОРАК СЛАВЕНСКА“ ВО ХРВАТСКА
ОД ЕВРОПСКА ГЛЕДНА ТОЧКА: ВИРТУЕЛНАТА КОМПАНИЈА ОД СОУ „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ“ – ПРИЛЕП, ПЛАСИРАНА НА ЕВРОПСКИОТ НАТПРЕВАР ЗА ПРЕТПРИЕМНИШТВО ВО ИТАЛИЈА
Улогата на коморите и бизнис организациите во креирањето на стручното образование и обука во Швајцарија
ОТВОРЕН ДЕН – ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО КОМУНИКАЦИЈАТА ПОМЕЃУ КОМПАНИИТЕ И СРЕДНИТЕ СТРУЧНИ УЧИЛИШТА
ТРИАГОЛНИКОТ МЕНТОР-УЧЕНИК-КООРДИНАТОР ЗА УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА-АЛАТКА ЗА КВАЛИТЕТНА ПРАКТИЧНА ОБУКА
Приказна на Виктор Анѓелов, дипломиран машински инженер, раководител на погон Алатница и сертифициран ментор за практична обука на ученици во компанијата „Руен Инокс Автомобиле“, Кочани
ОТВОРЕН ДЕН НА АСУЦ „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ СКОПЈЕ – МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА НА СОРАБОТКАТА СО РЕАЛНИОТ СЕКТОР И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ СТРУЧЕН КАДАР
ПРАКТИЧНА ОБУКА ВО КОМПАНИЈА – ВИСТИНСКИ ЛУЃЕ НА ВИСТИНСКО РАБОТНО МЕСТО